Здравје/Фитнес
ИЈЗ: Заштитете се од горештини, инсекти и инфекции
- Детали
- Категорија: Здравје/Фитнес
- Создадено: 04 Август 2026
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до граѓаните кои во текот на летото патуваат во земјата или во странство навреме да преземат мерки за заштита на здравјето, бидејќи високите температури, инсектите и престојот покрај вода носат зголемен ризик од заболувања и повреди.
Од ИЈЗ препорачуваат граѓаните уште пред патувањето да се информираат за здравствената состојба и евентуалните ризици во земјата што ќе ја посетат, како и навреме да проверат дали се потребни вакцинација или превентивна терапија.
Посебен акцент се става на подготовката на патна здравствена аптека, која треба да содржи редовна терапија, средства за прва помош, лекови против болка и температура, препарати за стомачни тегоби, средство за дезинфекција на раце, репелент против инсекти, крем со заштитен фактор SPF 30 или повисок, како и здравствена документација и патничко осигурување.
Репелент, соодветна облека и заштита од комарци
ИЈЗ препорачува користење репеленти против комарци, особено при патување во подрачја каде што има ризик од заболувања како маларија, денга, чикунгуња или Зика. Репелентите треба да се нанесуваат според упатството на производителот, а доколку се користи и крем за сончање, прво се нанесува кремот, а потоа репелентот.
Дополнително, се препорачува носење светла и лесна облека со долги ракави и ногавици, како и престој во климатизирани простории или простории заштитени со мрежи против инсекти.
Доколку за време на патувањето се појават симптоми како висока температура, осип, силна главоболка или повраќање, потребно е веднаш да се побара лекарска помош.
Внимание при капење и активности на вода
Институтот советува граѓаните да користат само уредени и контролирани капалишта, да избегнуваат капење во загадени води и да не голтаат вода при пливање.
Посебно внимание треба да се посвети на безбедноста на децата покрај вода, а при пловење задолжително да се користи спасувачки елек.
Избегнувајте сонце во најтоплиот дел од денот
Поради високите температури, ИЈЗ препорачува да се избегнува престој на директно сонце во периодот од 11 до 17 часот, да се носи лесна и светла облека, капа и очила за сонце, како и да се внесуваат доволно течности.
Се советува престој во климатизирани простории, избегнување на алкохол и засладени пијалаци и редовно разладување на организмот.
По враќањето од патување
Од ИЈЗ потсетуваат дека доколку во рок од три недели по враќањето од патување се појави покачена телесна температура или други симптоми на заразна болест, граѓаните треба веднаш да се обратат кај лекар и да информираат каде и кога патувале.
Особено внимание се препорачува кај лицата со хронични заболувања, кои треба редовно да ја земаат својата терапија и при секоја промена на здравствената состојба да се консултираат со матичен лекар.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















