Филипче: Нема ни трага во „Отворени финансии“ од 5 милиони евра за прославата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 14 Септември 2026
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска побара да се испита начинот на кој биле потрошени околу 5 милиони евра за прославата на 35-годишнината од независноста, тврдејќи дека за овие средства нема податоци во системот „Отворени финансии“.
Филипче потсети дека премиерот Христијан Мицкоски првично тврдеше оти прославата и концертот на Дејвид Гета не ја чинеле државата ниту еден денар, додека подоцна Владата, Државна лотарија и „Авалон“ соопштија дека за прославата биле обезбедени над 300 милиони денари, од кои најголемиот дел преку Државна лотарија.
„Обвинителството треба да го следи текот на парите, Финансова полиција исто така да се активира“, порача Филипче, кој оцени дека целиот случај отвора сериозни сомнежи за начинот на кој биле обезбедени и потрошени средствата.
Лидерот на СДСМ праша како, според него, можело со заклучок на Владата или со телефонска комуникација со директор на Државна лотарија да се управуваат милионски средства, без, како што тврди, тие да бидат видливи во „Отворени финансии“.
Филипче обвини дека средствата биле потрошени на нетранспарентен начин и најави дека за тоа, според него, ќе има одговорност. Тој побара наместо за вакви проекти, јавните средства да се насочуваат кон поддршка на семејствата, земјоделците, наставниците, лекарите и социјално ранливите категории.
Од СДСМ претходно побараа и целосно следење на „трагата на парите“ за финансирањето на прославата.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















