Здравје/Фитнес

Започна Велигденскиот пост - света причест

Велигденскиот пост започнал од причина: Крстените да се подготват за Велигден – за Воскресението Христово, за празникот што претставува основа на верата.

Христијанската вера е вера во воскресението. Тоа му дава смисла и цел на христијанскиот живот. А Велигден е празник на Воскресението и на Животот, нова Пасха, премин од привременото во вечното живеење. Тие што се со Христа овде, ќе бидат со Него и во вечноста. Постот е време на соединување со Бога – Причестување, Заедничарење, Благодарење – Евхаристија. Постот е како човекот: телесен и духовен. Со две природи: за телото и за душата. Постиме од гревовноста и од мрсноста.

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот пак, значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна, жестоки пијалоци и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание. Телесниот пост значи, во сите денови воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови (кога се пости за причест), воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.

Иако за причест потребно е ЕДНОНЕДЕЛЕН СТРОГ ПОСТ, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов за причест, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл. Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо. Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло. Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Во тие дни треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето. Од телесниот пост може да бидеме ослободени, но од духовниот пост – никако и никој.

СВЕТА ПРИЧЕСТ

Светата Причест се припрема и прима за време на најважното црковно богослужение, Светата Литургија. Верниците, се припремаат за Светата Причест со пост и молитва. За верниците со целосно здравје, подготовката за Причест е построга, отколку за болесните. Односно, здравите верници се подложни на построг пост, мотколку болесните.

ЕДНА НЕДЕЛА пред примањето на Светата Причест се држи СТРОГ ПОСТ, во која не се употребува ни растително масло (зејтин). Во подготовката за примање на Света причест, покрај строгиот пост, вклучено е и воздржување од лоши злодела, помирување со сите со кои сме се замериле, правење на добри дела, а што е најбитно – воздржување од гревот. Друго, Светата тајна Причест не е играчка, па ајде, секоја недела или секој ден да се причестуваме неподготвени. Не се во право оние кои ретко се причестуваат, не се во право ни оние кои често се причестуваат. Нашите баби и дедовци кои живееја свет живот во сиромаштија и робство, а се причестуваа само на Тодорова Сабота. Убаво е да се причестуваме и секој ден (ако се служи Света Литургија), ама за тоа треба и ЛИЧЕН ПОДВИГ. Да не си играме со Телото и Крвта Христови! - Светата Причест секогаш да се прима ДОСТОЈНО.

На здравје и спасение Свеата Причест за оние кои ќе ја примаат во текот на престојните Велигденски пости.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.