Ѓоревски: МЗТ Скопје повторно излегува на европската сцена, клубот финансиски се стабилизира

МЗТ Скопје Аеродром по 25 години повторно ќе настапува во европско натпреварување под покровителство на ФИБА, а од клубот најавуваат дека покрај домашните трофеи, цел ќе биде и враќање на препознатливоста на европската сцена.

 

Извршниот директор на клубот, Филип Ѓоревски, во интервју истакна дека настапот во ФИБА Еврокупот претставува исполнување на една од клучните цели поставени по неговото доаѓање во клубот.

 

Според него, МЗТ, како најтрофеен македонски кошаркарски клуб во последните две децении, има обврска да ја претставува државата и во европските натпреварувања.

 

Тој оцени дека екипата ја очекува тешка конкуренција во групната фаза, но нагласи дека во клубот веруваат во своите можности и сакаат достојно да се претстават.

 

Во меѓувреме, раководството работи на формирање на тим кој ќе комбинира искуство и младост, а потврдено е останувањето на Дамјан и Војдан Стојановски, како и враќањето на репрезентативците Лука Стојановски и Никола Василевски. Најавени се и нови засилувања во наредниот период.

 

Ѓоревски посочи дека значително внимание се посветува и на младинската школа, каде за координатор е назначен Саша Димитријевиќ.

 

Целта, како што истакна, е повторно да се создаваат играчи кои ќе бидат носители на првиот тим и ќе обезбедат долгорочен развој на клубот.

 

Осврнувајќи се на финансиската состојба, Ѓоревски изјави дека при преземањето на функцијата клубот се соочувал со сериозни долгови, но дека во изминатите пет години паралелно се работело на спортските резултати и финансиската стабилизација.

 

Тој изрази уверување дека наскоро ќе бидат затворени сите наследени обврски, нагласувајќи дека во тоа значајна улога имаат Општина Аеродром и спонзорите.

 

Подготовките за новата сезона ќе започнат во средината на август, кога тренерот Васко Атанасов ќе ја изврши првата прозивка пред настапите на домашната и европската сцена.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.