Новата централна кујна во градинката „Гоце Делчев“ во Илинден ќе обезбедува над 800 оброци дневно

Во детската градинка „Гоце Делчев“ во Општина Илинден беше пуштена во употреба нова централна кујна, проект со кој се унапредуваат условите за исхрана и престој на децата, а на свеченото отворање присуствуваа министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Илинден, Александар Ѓорѓиевски.

 

Новата кујна, изградена според современи стандарди, ќе има капацитет за подготовка на повеќе од 800 квалитетни оброци дневно за децата во градинката, но и за учениците од основните училишта во општината.

 

Проектот беше реализиран во рок од една година од поставувањето на камен-темелникот, а во следниот период е предвидена и адаптација на старата кујна во нови занимални.

 

Со тоа ќе се обезбедат дополнителни места за околу 60 деца и ќе се зголеми капацитетот за згрижување.

 

Министерот Велковски истакна дека вложувањето во предучилишната инфраструктура останува еден од приоритетите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, со цел создавање подобри услови за ран детски развој.

 

Тој посочи дека во текот на годината е предвидено отворање на 15 нови детски градинки, со што ќе се обезбедат околу 1.800 нови места за деца, а до крајот на 2027 година целта е да бидат отворени вкупно 37 нови градинки низ државата.

 

Од Министерството нагласуваат дека инвестициите во проширување на капацитетите на градинките ќе продолжат и во наредниот период, со фокус на обезбедување современи, безбедни и квалитетни услови за раст и развој на најмладите.

 

Фото извор: https://vlada.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/soopstenija





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.