Резултати од едногодишната работа во Општина Сопиште: Нова детска градинка, реконструирани патишта и започната изградба на првиот трговски центар вреден над 5 милиони евра

По повод одбележувањето на една година од преземањето на мандатот, градоначалникот Мицевски излезе со детален извештај за остварените проекти и капитални инвестиции кои го менуваат ликот на Општина Сопиште и го унапредуваат квалитетот на живот на локалните жители.

 

Тој истакна дека добиената доверба од граѓаните претставува обврска секојдневно да се работи на подобрување на инфраструктурата, условите за најмладите и целокупниот развој на населените места.

 

Во изминатиот период реализирани се значајни зафати во патната инфраструктура, меѓу кои се реконструкцијата на улица 20 во Нова Брезница, асфалтирањето на улица 11 во Сопиште и улица 1 во Горно Соње, санирањето на улицата во Горно Соње и улицата 5 во Добри Дол, како и целосно реконструираниот мост што ги поврзува Ракотинци и Добри Дол.

 

Со поддршка од Владата рехабилитиран е и патниот правец кон ХЕЦ „Света Петка“, проширена е главната сообраќајница кај црквата „Св. Мина“ со што е отстрането долгогодишното тесно грло, изградена е нова пешачка патека во Сопиште со комплетна подземна инфраструктура и осветлување, а обезбедени се и дополнителни 10 милиони денари од општинскиот буџет за реконструкција на улици низ сите населени места.

 

Дополнително, за љубителите на природата е пуштена во употреба новата рекреативно-планинска патека „Феникс“ која ги поврзува Горно Соње и Крст Водно.

 

Посебен акцент во работењето бил ставен на децата и образованието, па така во Сопиште беше отворена новата детска градинка „Сонце“ за 84 дечиња, за првпат беа обезбедени бесплатни училишни униформи и анатомски ранци со прибор за сите првачиња, а централното основно училиште „Драга Стојановска“ доби целосно нов покрив со нова кровна конструкција по повеќе од 50 години.

 

Условите во образовните и јавните установи се подобрени преку донација од 100 инвертер клими, а реализирани се и модернизација на спортските игралишта, изградба на првата отворена фитнес зона и почеток на реконструкцијата на спортскиот центар „Црвена Прст“.

 

На план на животната средина и комуналната инфраструктура исчистени се диви депонии во повеќе места, набавени се канти за селекција на отпад во соработка со Пакомак, започнати се проектите за каблирање и модернизација на електродистрибутивната мрежа во партнерство со ЕВН со две нови трафостаници во Соње, како и бушење на нов истражно-експлоатационен бунар за стабилно водоснабдување во Долно Соње.

 

Како круна на економскиот развој, поставен е камен-темелникот на првиот трговски центар во општината во вредност од над 5 милиони евра, со што Сопиште се отвора за нови инвестиции и работни места.

 

 

Фото извор: ВМРО-ДПМНЕ





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.