Општина Илинден инвестира во нова опрема за поефикасни комунални услуги
- Детали
- Категорија: Илинден
- Создадено: 15 Јули 2026
Општина Илинден го модернизира работењето на Јавното комунално претпријатие „Илинден“ со набавка на нова механизација и професионална опрема, насочена кон подобрување на комуналните услуги, зголемување на ефикасноста и создавање подобри услови за работа на вработените.
Во рамки на инвестицијата обезбедени се современи батериски алати, меѓу кои тримери, косилка, дувалка, телескопска пила за сечење гранки со додаток за кастрење жива ограда, како и батерии и полначи.
Со нив постепено ќе се заменува постојната бензинска механизација, што ќе придонесе за помало загадување, намалена бучава и пониски трошоци за одржување, бидејќи не се користат гориво и масла.
Набавена е и професионална машина за чистење подови, која ќе биде ставена во функција по завршувањето на реновирањето на спортската сала.
Со неа ќе се обезбеди поефикасно одржување на објектот, повисоко ниво на хигиена и подобри услови за користење на спортскиот простор.
Покрај тоа, комуналното претпријатие доби и нова опрема за обработка и заварување на метал, која вклучува МИГ/МАГ CO₂ апарати за заварување, отсечна пила за метал и акумулаторна аголна брусилка.
Со оваа механизација ќе може поголем дел од поправките и интервенциите да се реализираат со сопствени ресурси.
Новата опрема ќе се користи за санација на комунални возила, метални контејнери, детски и спортски реквизити, заштитни огради, мостови и друга јавна инфраструктура, со што ќе се овозможи побрза и поекономична реализација на потребните активности.
Со овие вложувања, Општина Илинден продолжува да ги модернизира своите комунални капацитети, со цел да обезбеди поквалитетни, поодржливи и поефикасни услуги во интерес на граѓаните.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













