Општина Илинден ги обнови детските игралишта и постави нова автобуска постојка во Кадино

Општина Илинден продолжува со инвестициите во јавната инфраструктура, при што во изминатиот период беа обновени и модернизирани повеќе детски игралишта, а поставена е и нова автобуска постојка во населеното место Кадино.

Во рамки на активностите за подобрување на условите за живот во сите населени места, извршена е обнова и замена на дел од детските реквизити, како и поставување нова урбана опрема на повеќе локации низ општината.

Во Кадино, на детското игралиште кај Домот на културата се поставени нови содржини за најмладите, меѓу кои лулашка, лизгалка и две фигури во облик на коњче. Дополнително, на игралиштето помеѓу улиците „525“ и „500“ поставени се нова лизгалка, лулашка и клацкалка, како и две клупи и корпи за отпадоци.

Унапредување на детските содржини е реализирано и на игралиштето долж пешачката патека Марино – Кадино, каде е извршено бетонирање на просторот и поставени се нова лулашка, клацкалка и две фигури во форма на коњче.

Во населеното место Илинден, пак, на детското игралиште на улица „30“ поставени се нова лизгалка и клацкалка, со што дополнително се збогатуваат можностите за рекреација и игра на децата.

Покрај уредувањето на игралиштата, во Кадино е поставена и нова автобуска постојка во близина на компанијата „Пекабеско“, која ќе придонесе за подобри услови за користење на јавниот превоз.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, упати апел до граѓаните за одговорно користење и заштита на јавната инфраструктура.

„Општината континуирано инвестира во изградба и одржување на детски игралишта, паркови и други јавни содржини кои им служат на сите граѓани. Нивното зачувување е заедничка обврска и предуслов за создавање уредена, модерна и функционална локална заедница“, истакна Георгиевски.

Од Општина Илинден ги повикуваат жителите навремено да пријавуваат евентуални оштетувања или несовесно користење на јавните добра, со цел тие да останат безбедни, уредни и достапни за сите граѓани.

Локалните власти посочуваат дека вложувањата во јавните простори ќе продолжат и во наредниот период, со цел создавање поквалитетна животна средина и подобри услови за секојдневниот живот на жителите.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.