Започна асфалтирањето на главната пристапна улица во месноста Јака во Општина Илинден

Општина Илинден ги интензивира активностите за модернизација на локалната патна мрежа со отпочнување на градежните работи за асфалтирање на улицата „111“ во месноста Јака, лоцирана во населеното место Марино.

 

Градежниот зафат опфаќа уредување на сообраќајница со вкупна должина од 550 метри и широчина на коловозот од 6 метри. Во рамките на проектот е предвидена и изградба на пешачки тротоар со широчина од 1,5 метри, како и изведба на отворен одводен канал долж целата траса, чија намена е ефикасно прифаќање и одведување на атмосферските води од коловозот.

 

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши теренски увид во почетната фаза од асфалтирањето, при што истакна дека со реализацијата на овој проект целосно се комплетира мрежата на главни пристапни улици во овој дел од населбата. Според него, новата инфраструктура значително ќе ги подобри условите за безбедно и непречено одвивање на моторниот и пешачкиот сообраќај, овозможувајќи полесен секојдневен пристап за жителите до нивните домови.

 

Овој инфраструктурен зафат се реализира со финансиски средства обезбедени од Владата на Република Македонија, како дел од пошироката програма за поддршка на локалните самоуправи. Од Општина Илинден посочуваат дека ваквите капитални инвестиции во патната и комуналната мрежа остануваат високо на листата на приоритети на локалната самоуправа, со цел долгорочно подобрување на квалитетот на живеење и модернизација на сите населени места во рамките на општината.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.