Костовски: Бутел нема да биде полигон за етнички политики – законот мора да важи еднакво за сите
- Детали
- Категорија: Бутел
- Создадено: 30 Август 2026
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, остро реагира на, како што вели, обидите на ДУИ прашањето за запишување ученици да го претвори во етничка и политичка тема.
Костовски посочува дека согласно Законот за основното образование и утврдената реонизација, учениците се запишуваат според реонот на основното училиште и додава дека од Општина Бутел се бара да постапи спротивно на тие правила.
„Бутел не е и нема да биде полигон за етнички политики!“, порача Костовски.
Тој вели дека децата не смеат да се користат за создавање етнички тензии и политички поени, додавајќи дека во Бутел нема „наши“ и „ваши“ деца, туку сите треба да имаат еднаков третман и еднакви права.
„Ниту притисок, ниту закани, ниту етничка мобилизација ќе ме натераат да постапувам спротивно на закон“, вели Костовски.
Градоначалникот истовремено обвинува и за интереси на, како што ја нарекува, „урбаната мафија“, која слободниот простор во Бутел го гледа како можност за нова градба.
Костовски порачува дека неговата визија е развој со план, повеќе зеленило, училишта, градинки и спортски терени, без поделби по етничка основа и без урбанистичко дивеење.
„Бутел нема да го делиме по етнички линии и нема да го бетонираме по нечии бизнис-интереси. Бутел ќе го развиваме по закон и во интерес на сите негови граѓани“, порача Костовски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















