Нова уредба за течните горива: Повисоки стандарди за квалитет и поголема заштита на потрошувачите
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 09 Јули 2026
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воведе нова Уредба за квалитет на течните горива, со која по речиси две децении се заменува досегашната регулатива.
Со новите правила се модернизира системот за контрола на квалитетот на горивата и се поставуваат повисоки стандарди за нивно пласирање на домашниот пазар.
Уредбата, донесена врз основа на новиот Закон за енергетика, прецизно ги дефинира условите што треба да ги исполнуваат течните горива, начинот на проверка на нивниот квалитет, како и обврските на сите учесници во синџирот на снабдување со сурова нафта, нафтени деривати и транспортни горива.
Од Министерството посочуваат дека новите правила ќе обезбедат поголема сигурност за граѓаните дека горивата што ги користат ги исполнуваат законски пропишаните стандарди.
Воедно, со засилените механизми за контрола се очекува подобра заштита на потрошувачите и поголема транспарентност на пазарот.
Новата регулатива предвидува еднакви услови за сите компании што работат во секторот, со што треба да се намали можноста за нелојална конкуренција и злоупотреби.
Според надлежните, тоа ќе придонесе за постабилно и попредвидливо деловно опкружување за фирмите кои работат во согласност со законските прописи.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска изјави дека со новата Уредба се заменува застарената регулатива со современи правила кои ќе донесат поголема доверба во квалитетот на горивата, ќе го заштитат чесното стопанство и ќе овозможат поуреден и потранспарентен пазар.
Од Министерството нагласуваат дека ова е дел од поширокиот процес на имплементација на новиот Закон за енергетика, чија цел е постепено усогласување на законската рамка со современите стандарди и обезбедување поефикасен и поконкурентен енергетски сектор.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















