ООУ „Димитар Македонски“ од 1 септември преминува на едносменска настава
- Детали
- Категорија: Аеродром
- Создадено: 30 Јули 2026
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, изврши увид во градежните активности во ООУ „Димитар Македонски“, каде што се реализираат зафати за воведување на новиот модел на организација на наставата од 1 септември.
Како што информираат од Општината, проектот е во согласност со насоките и препораките на Министерството за образование и наука.
Во текот на летниот распуст се вршат уредување и адаптација на училишните простории, со цел учениците новата учебна година да ја започнат во подобрени и посовремени услови.
Според новата организација, учениците од шесто до деветто одделение наставата ќе ја следат во прва смена, учениците од прво до трето одделение ќе бидат опфатени со целодневна настава, додека четврто и петто одделение ќе посетуваат настава со ротирање меѓу првата и втората смена.
Од Општина Аеродром посочуваат дека воведувањето на едносменската настава треба да придонесе за поквалитетен воспитно-образовен процес, подобри услови за учење, повеќе време за воннаставни активности и поголема поддршка на учениците при извршувањето на училишните обврски.
Од локалната самоуправа потсетуваат дека ваков модел веќе е воведен во ООУ „Александар Македонски“, а целта е исти услови постепено да се обезбедат и во останатите основни училишта на територијата на Општина Аеродром.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















