Здравје/Фитнес

Сексуално преносливите инфекции не одмораат: Како да се заштитите и да уживате во летото без ризик

Летото носи повеќе патувања, дружења и нови познанства, но грижата за здравјето не треба да биде изоставена. Сексуално преносливите инфекции (СПИ) можат да се пренесат преку незаштитен сексуален контакт, а дел од нив можат долго време да не предизвикуваат никакви симптоми.

Тоа значи дека лице кое се чувствува здраво сепак може да има инфекција и да ја пренесе на сексуалниот партнер.

 

СПИ можат да бидат предизвикани од бактерии, вируси или други микроорганизми. Доколку не се откријат и лекуваат навреме, кај дел од инфекциите може да настанат сериозни здравствени последици, вклучително воспаленија на репродуктивните органи, проблеми со плодноста, компликации во бременоста и зголемен ризик од одредени видови рак.

 

Една од најчестите сексуално преносливи инфекции е ХПВ – хуман папилома вирусот. Постојат повеќе од 100 типови на ХПВ, од кои одредени можат да предизвикаат генитални брадавици, додека високоризичните типови можат да предизвикаат клеточни промени кои, доколку не се следат и третираат, може да доведат до појава на рак. ХПВ најчесто се поврзува со ракот на грлото на матката, но може да биде поврзан и со други карциноми, вклучително на анусот, пенисот и пределот на устата и грлото.

ХПВ најчесто се пренесува преку сексуален контакт и контакт кожа на кожа во гениталната област, а инфекцијата може да се пренесе и кога заразеното лице нема видливи симптоми. Превенцијата вклучува вакцинација против ХПВ, редовни гинеколошки прегледи и скрининг за рак на грлото на матката, како и одговорно сексуално однесување. Кондомот го намалува ризикот, но не обезбедува целосна заштита.

 

Хламидијата е бактериска сексуално пренослива инфекција која често поминува незабележано, бидејќи многу заразени лица немаат симптоми. Кај жените може да се појават зголемен вагинален исцедок, болка при мокрење, болка во долниот дел од стомакот и крварење помеѓу менструациите. Кај мажите може да се јават исцедок од пенисот, печење при мокрење и болка или оток во пределот на тестисите.

Нелекуваната хламидија може да предизвика воспаление на карличните органи, неплодност и зголемен ризик од вонматерична бременост. Затоа, тестирањето кај лицата со ризик, навременото лекување и лекувањето на сексуалните партнери се важен дел од превенцијата на повторна инфекција.

 

Гонорејата е уште една бактериска инфекција која може да ги зафати гениталните органи, ректумот и грлото. Може да предизвика гноен или жолтеникав исцедок, печење при мокрење, болка во долниот дел од стомакот или воспаление во пределот на тестисите, но кај многу лица може да помине и без симптоми.

Посебен проблем кај гонорејата претставува зголемената отпорност на бактеријата кон антибиотици. Затоа лекувањето треба да биде според препорака од лекар, а самолекувањето со антибиотици треба да се избегнува.

 

Сифилисот е бактериска инфекција која може да се развива низ повеќе фази. Во почетната фаза може да се појави безболна раничка на местото каде навлегла инфекцијата, додека во втората фаза може да се појават осип, замор, покачена температура и зголемени лимфни јазли. Ако не се лекува, сифилисот може да предизвика сериозни оштетувања на нервниот систем, срцето и други органи.

Сифилисот може успешно да се лекува со соодветна антибиотска терапија, особено кога ќе се открие во раните фази. Превенцијата подразбира безбедно сексуално однесување, тестирање кај лица со зголемен ризик и навремено откривање и лекување.

 

ХИВ – вирусот на хумана имунодефициенција го напаѓа имунолошкиот систем. Без лекување, инфекцијата може постепено да го ослабне имунитетот и да доведе до СИДА. Благодарение на современата антиретровирусна терапија, лицата со ХИВ денес можат да имаат долг и квалитетен живот, а раното откривање и започнувањето терапија се од големо значење.

ХИВ може да се пренесе преку незаштитен сексуален контакт, контакт со заразена крв, користење заеднички игли или друг прибор кај лица кои инјектираат дроги, како и од мајка на дете за време на бременост, породување или доење доколку не се применат соодветни мерки.

 

Важно е да се знае дека ХИВ не се пренесува преку ракување, гушкање, користење ист прибор за јадење, кашлање или кивање, ниту преку престој во ист простор со лице кое живее со ХИВ.

 

Гениталниот херпес е вирусна инфекција која најчесто е предизвикана од HSV-2, но може да биде предизвикана и од HSV-1. Некои лица немаат симптоми, додека кај други може да се појават болни промени или меурчиња во гениталната област, чешање, печење и болка при мокрење. Вирусот останува присутен во организмот и може повторно да се активира.

Ризикот од пренос може да се намали со употреба на кондом и избегнување сексуален контакт при појава на активни промени. При појава на симптоми потребна е консултација со лекар за соодветна терапија.

 

Хепатитот Б е вирусна инфекција која го зафаќа црниот дроб. Може да биде акутна или да премине во хронична форма, која кај дел од лицата може да доведе до цироза, намалена функција на црниот дроб и зголемен ризик од рак на црниот дроб.

Многу лица немаат симптоми, но кога тие се појавуваат може да вклучуваат замор, губење на апетитот, мачнина, болка во стомакот, потемнета урина и жолта пребоеност на кожата и очите.

Една од најефикасните мерки за заштита од хепатит Б е вакцинацијата. Дополнително, ризикот се намалува со користење кондом, стерилен медицински прибор и избегнување делење лични предмети кои можат да бидат контаминирани со крв, како што се жилети.

 

Како да се заштитиме?

 

Сексуалното здравје е важен дел од целокупното здравје, а ризикот од сексуално преносливи инфекции може значително да се намали со одговорно однесување. Користењето кондом при сексуални односи го намалува ризикот од повеќето СПИ, додека редовното тестирање е особено важно за лицата кои имаат нови или повеќе сексуални партнери или се сомневаат дека биле изложени на инфекција.

При појава на необичен исцедок, печење при мокрење, болка во гениталната област или промени на кожата и слузниците, потребно е да се побара лекарска помош и да се направат соодветни тестирања.

Антибиотици и други лекови не треба да се земаат без препорака од лекар. Неправилното лекување може да доведе до компликации и отпорност на лековите.

За дел од СПИ постои и ефикасна вакцинација – пред сè против ХПВ и хепатит Б.

Отворената комуникација со партнерот, одговорното сексуално однесување, навременото тестирање и правилното лекување се важни за заштита и на сопственото здравје и на здравјето на другите.

 

СПИ може да му се случат на секого. Раното откривање, правилното лекување и превенцијата се најдобриот начин за заштита. Уживајте во летото, создавајте убави спомени и грижете се за своето здравје.

 

ИНФО: ИЈЗ





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.