Здравје/Фитнес

ТОПЛОТНИОТ БРАН НАЈОПАСЕН ЗА ЛИЦАТА НАД 65 ГОДИНИ: Не излегувајте на сонце од 11 до 17 часот

Високите температури и топлотните бранови претставуваат посебен ризик за лицата над 65 години, бидејќи со возраста организмот потешко се приспособува на топлината. Дополнителен ризик се хроничните заболувања и одредени терапии кои можат да влијаат врз способноста на организмот да се справи со високите температури.

На повозрасните лица им се препорачува да избегнуваат директно изложување на сонце, физичка активност и работа на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Треба да носат лесна и светла облека, капа или шапка со широк обод и очила за сонце, а при изложување на сонце да користат заштитен фактор SPF 30 или повисок.

Особено важно е редовното внесување течности. Не треба да се чека да се појави жед, а се препорачува избегнување алкохол и ограничување на пијалаците со кофеин. Лицата на кои лекар им го ограничил внесот на течности треба да се консултираат со него за количината што треба да ја внесуваат во периодот на високи температури.

Домот треба да се одржува што е можно поладен, со користење ролетни и завеси за заштита од директна сончева светлина. Просториите треба да се проветруваат кога надворешната температура е пониска, а употребата на шпорет и рерна во најтоплиот дел од денот треба да се избегнува.

При чувство на прегреаност, се препорачува разладување со млака или посвежа вода, влажни крпи и престој во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија.

Лицата со хронични заболувања треба редовно да ја земаат пропишаната терапија и да не ја менуваат или прекинуваат без консултација со лекар. При влошување на здравствената состојба, треба да се консултира матичниот лекар.

За оние кои живеат сами, особено е важно во периодите на екстремни температури да одржуваат редовен контакт со семејството, пријателите или соседите, за навреме да се забележат евентуални промени во здравствената состојба.

Високите температури не треба да се потценуваат – особено кога станува збор за највозрасните.

ИНФО/ФОТО: ИЈЗ





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.