Здравје/Фитнес
ИЈЗ со препораки: Пијте повеќе вода и избегнувајте физичка активност во најтоплиот дел од денот
- Детали
- Категорија: Здравје/Фитнес
- Создадено: 05 Август 2026
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за правилен внес на течности и безбедно практикување физичка активност во услови на високи летни температури, со цел да се спречат дехидратација, прегревање и други здравствени компликации.
Според ИЈЗ, течностите треба да се внесуваат редовно во текот на целиот ден, без да се чека чувство на жед, бидејќи жедта е првиот знак дека организмот веќе има потреба од вода. Кај повеќето здрави возрасни лица дневниот внес изнесува околу два литра, но при екстремно топло време и зголемена физичка активност потребите се значително поголеми.
Најдобар избор за хидратација е водата, додека се препорачува ограничување на алкохолот и засладените пијалаци. Лицата кои работат или подолго престојуваат на отворено треба да пијат вода почесто и во помали количини. При интензивен физички напор се препорачува внесување од околу 200 до 250 милилитри вода на секои 15 до 20 минути.
Од Институтот советуваат физичката активност да се прилагоди на временските услови и да се избегнува во најтоплиот дел од денот. Најповолно време за вежбање е рано наутро, пред 9 часот, или во вечерните часови, по 18 часот.
Посебно внимание треба да посветат лицата со хронични заболувања, постарите од 60 години, децата, лицата со прекумерна телесна тежина и оние со пониска физичка подготвеност.
ИЈЗ препорачува при физичка активност да се носи лесна, широка и светла облека, како и капа и очила за сонце при престој на отворено. На изложените делови од кожата треба да се нанесе крем со заштитен фактор SPF 30 или повисок, најмалку 20 до 30 минути пред изложување на сонце.
Доколку за време на физичка активност се појават силна жед, вртоглавица, слабост, главоболка, гадење, грчеви во мускулите, забрзана срцева работа или конфузија, активноста треба веднаш да се прекине, лицето да се премести на ладно и сеновито место, да внесе течности и, доколку симптомите не се подобрат или се влошуваат, да побара медицинска помош.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















