Artemis II: Детален распоред за слетувањето – по македонско време

NASA го објави прецизниот временски план за завршната фаза на мисијата Artemis II, при која капсулата „Орион“ ќе се врати на Земјата и ќе слета во Тихиот Океан кај Сан Диего.

Според американско источно време (EDT), операциите се одвиваат навечер на 10 април, што во македонско време (CEST) е во раните утрински часови на 11 април.

Во 01:33 часот по македонско време, ќе дојде до одвојување на екипажната капсула од сервисниот модул, при што ќе се активира топлинскиот штит за влез во атмосферата.

Во 01:37 часот, „Орион“ ќе изврши краток 18-секунден маневар за прецизирање на аголот на влез и позиционирање пред атмосферскиот продор.

Во 01:53 часот, леталото ќе влезе во горните слоеви на атмосферата на висина од околу 120 километри и брзина од околу 35 пати поголема од брзината на звукот, при што астронаутите ќе почувствуваат оптоварување до 3,9 G. Во оваа фаза се очекува и околу шестминутен прекин на комуникацијата поради плазма околу капсулата.

Во 02:03 часот, ќе се отворат првите стабилизациски падобрани на висина од околу 6.700 метри, а веднаш потоа ќе се активираат трите главни падобрани кои значително ќе ја намалат брзината.

Во 02:07 часот, „Орион“ ќе слета во Тихиот Океан кај Сан Диего со брзина од околу 32 km/h, со што ќе заврши мисијата и патувањето од над 1,1 милион километри.

По слетувањето, спасувачките тимови на NASA и американската војска ќе пристапат до капсулата, ќе го извлечат екипажот и ќе го префрлат на бродот „USS John P. Murtha“, каде ќе следат првични медицински прегледи пред враќањето во Хјустон.

Најновите фотографии и материјали од мисијата Artemis II се достапни на официјалната „multimedia“ страница на мисијата, а јавноста може да ги следи и профилите на @NASAArtemis на платформите X (Твитер), Facebook и Instagram за најнови информации во реално време. Директен пренос од мисијата е достапен и преку официјалниот YouTube канал на NASA.

 

фото: NASA

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.