ЕУ со нова стратегија против сиромаштијата: Целта е искоренување до 2050 година

Европската комисија претстави амбициозен социјален пакет насочен кон намалување на сиромаштијата, решавање на станбената криза и зајакнување на правата на лицата со попреченост низ Европската Унија.

Пакетот ја вклучува првата европска стратегија против сиромаштијата, чија крајна цел е целосно искоренување на сиромаштијата во ЕУ до 2050 година. Воедно, предложени се мерки за спречување на бездомништвото, зајакнување на гаранцијата за децата и поголема инклузија на лицата со попреченост.

Според Европската комисија, секој петти Европеец живее во ризик од сиромаштија или социјална исклученост, а особено загрижувачки е фактот што едно од четири деца во ЕУ е погодено од сиромаштија. Дополнително, околу еден милион луѓе во Европа се без дом, додека цените на домувањето од 2013 година досега пораснале за 60 проценти.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека сиромаштијата и социјалната исклученост се предизвици кои Европа мора да ги надмине.

„Достоинство, можности и еднаквост – тоа се вредностите врз кои ја градиме Европа“, истакна фон дер Лајен.

Новата стратегија предвидува создавање поквалитетни работни места, подобар пристап до социјални услуги и финансиска поддршка за ранливите категории граѓани. Посебен акцент е ставен на децата, преку проширување на Европската гаранција за деца, која треба да обезбеди подобар пристап до образование, здравствена заштита, ментално здравје и бесплатни училишни оброци.

ЕУ најави и конкретни мерки за решавање на станбената криза, преку поттикнување на изградба на социјални и достапни станови, како и спречување на бездомништвото.

Во делот на правата на лицата со попреченост, Европската комисија најави воведување европска картичка за лица со попреченост, подобра пристапност во транспортот и поголеми инвестиции во асистивни технологии, вклучително и алатки базирани на вештачка интелигенција.

Стратегијата треба дополнително да биде разгледана од земјите членки и Европскиот парламент, а Брисел очекува со неа да се постават темелите за посоцијална и поинклузивна Европа во наредните децении.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.