Шкендија го доби Вардар со 0-2 во првото дерби сезонава, Тамба двоен стрелец

Шкендија го доби првото дерби против Вардар оваа сезона, откако на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје славеше со 0-2.

Херој на гостинскиот тим беше Фабрис Тамба, кој по влегувањето во игра на почетокот од второто полувреме постигна два гола. Тамба стрелаше во 52. и 77. минута и ја донесе победата за Шкендија.

Вардар имаше подобар почеток на натпреварот и првата посериозна закана ја создаде во 12. минута, кога Кастањеда шутираше од околу 20 метри, но непрецизно. Само минута подоцна, Пулеио имаше уште подобра можност, но неговиот силен удар од 12 метри заврши покрај голот.

Во 16. минута Герсон Родригез се обиде со удар со глава, но директно во голманот на Шкендија, Ферат Рамани. До крајот на првото полувреме, шанси имаа и Бесарт Ибраими и Бобан Николов, но резултатот остана 0-0.

Шкендија силно го отвори вториот дел и во 49. минута Круезиу имаше можност за погодок, но неговиот удар од 14 метри беше блокиран.

Три минути подоцна стигна и водството. Нзенгуе одлично го проигра Фабрис Тамба, кој ја искористи шансата и погоди за 0-1.

Вардар можеше веднаш да израмни, но во 54. минута Рамани го одбрани ударот на Пиреш.

Шкендија во 73. минута пропушти голема можност да ја потврди победата. Криезиу излезе сам пред Давор Талески, но наместо да реализира, ја загуби топката и таа заврши во гол-аут.

Сепак, само четири минути подоцна Тамба повторно се запиша во листата на стрелците. По неуспешно поставената офсајд-замка на Вардар, напаѓачот излезе сам пред Талески и со лоб удар погоди за конечни 0-2.

Шкендија на тој начин заслужено ги освои трите бода, оставајќи го Вардар без погодок во првото големо дерби сезонава.

По завршувањето на натпреварот, на теренот дојде и до физичка пресметка меѓу поголем број актери.

ФОТО: ФФМ





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.