МЗТ Скопје се враќа во Европа: „Штрковите“ ќе се натпреваруваат во ФИБА Европа Купот

По пауза од две и пол децении, македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром официјално се враќа на европската сцена.

 

Клубот од Аеродром ја потврди веста дека во сезоната 2026/27 ќе биде дел од групната фаза на ФИБА Европа Купот, што претставува огромен успех за македонската кошарка.

 

Последниот настап во ФИБА натпреварување клубот го имаше во сезоната 2000/01 во Купот Кораќ, а новото поглавје носи предизвици во проширен формат на натпреварувањето.

 

МЗТ Скопје е еден од 24-те клуба кои обезбедија директен пласман во групната фаза, што на „сино-белите“ им гарантира најмалку десет европски натпревари против квалитетни противници од целиот континент.

 

„Настапот во ова натпреварување е потврда за континуираниот развој на клубот и нов голем предизвик.

 

Нѐ очекува исклучително возбудлива сезона во која ќе се натпреваруваме на три фронта – ФИБА Европа Купот, АБА2 лигата и домашната Суперлига“, соопштија од управата на клубот.

 

Ждрепката за групите ќе се одржи на 16 јули во Минхен, кога ќе бидат познати противниците со кои МЗТ Скопје ќе ги одмери силите.

 

Од клубот порачуваат дека со поддршка од навивачите ќе направат сѐ за достојно да го претстават Аеродром и Македонија во арената „Јане Сандански“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.