Балканско првенство во џудо за деца до 14 години во Битола
- Детали
- Категорија: Спорт
- Создадено: 07 Јуни 2026
Битола викендов е домаќин на Балканското првенство во џудо за деца до 14 години, на кое учествуваат најдобрите млади џудисти од регионот. Натпреварите се одржуваат во спортската сала „Боро Чурлевски“, каде момчиња и девојчиња од повеќе балкански земји ќе ги одмерат своите сили во борба за медали и престижни пласмани.
На шампионатот настапуваат натпреварувачи од Македонија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција, Кипар, Албанија, Грција, Бугарија и Косово, кои преку своите настапи ќе ги демонстрираат спортскиот дух, дисциплината и џудо-вештините.
Првенството свечено го отвори градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. На присутните им се обратија и претседателот на Балканската џудо асоцијација, Бранислав Црногорац, претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, како и претставникот на Министерството за спорт, Илија Ристески.
На отворањето присуствуваа и високи претставници на Балканската џудо асоцијација, претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, претседателот на Џудо клуб Пелистер, Ѓуро Илиќ, како и голем број љубители на џудото и боречките спортови.
Од Џудо федерацијата на Македонија упатија благодарност до Општина Битола и Џудо клуб Пелистер за организацијата на овој значаен спортски настан, оценувајќи го како вистински џудо-спектакл кој придонесува за развојот и промоцијата на спортот во регионот.
Балканското првенство претставува можност младите спортисти да стекнат нови искуства, да создадат спортски пријателства и да ја промовираат вредноста на фер-плејот и меѓусебната почит преку спортот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















