Фолтин одбележува 30 години сцена со јубилејна програма, концерти и нови изданија

Музичката група Фолтин во 2026 година одбележува 30 години од својот прв концерт, најавувајќи најобемна јубилејна програма досега под наслов „Фолтин 30 – три децении музичка слобода и жива врска со публиката“.

Во текот на годината ќе бидат реализирани повеќе концертни, издавачки и мултимедијални активности, кои го означуваат тридецениското творештво на бендот што важи за еден од најавтентичните музички состави во регионот. Централниот настан ќе биде големиот јубилеен концерт во Хераклеја во август 2026 година, по што се планирани настапи во Скопје и други градови во регионот. Со овој концерт, Фолтин ќе го затвори и фестивалот Битфест 2026.

Во рамки на јубилејот е најавен и проектот „FOLTIN RE“, албум составен од нови интерпретации на композиции од бендот, создадени од музичари од Македонија и регионот. Секој автор избрал една песна од Фолтин и ја преработил во сопствен музички израз. Од 29 јуни 2026 година, секој понеделник ќе биде објавувана по една композиција во емисијата „Маја за подварок и менопауза“ на Радио Мерополис со Маја Казакова, а истовремено ќе биде достапна и на дигиталните канали на бендот.

Како дел од јубилејната програма е и изданието „FOLTIN LIVE“, двојна винил плоча снимена во живо во Пловдив и Скопје, која ја документира концертната енергија на бендот. Плочата е печатена во Виена и е објавена во лимитирана, рачно нумерирана и потпишана серија од 150 примероци, наменета за колекционери и долгогодишни почитувачи.

Првите примероци веќе се достапни преку официјалната веб-страница на бендот Foltin Official, како и во продажните салони на Божиновски часовници и накит во Битола и Скопје, додека испорака е достапна и по карго.

Во рамки на прославата се организираат и слушачки промоции на винил изданието низ повеќе градови во земјата, со цел да се промовира аналогното аудиофилско искуство. Првата промоција беше одржана во Скопје во Аудиокултура, а следуваат настани и во Битола и други градови.

Јубилејната програма вклучува и серија кратки видеа посветени на историјата на бендот, како и нов визуелен идентитет потпишан од Зоран Кардула. Новата веб-страница на бендот е изработена од студенти на Бреинстер и претставува централен дигитален простор за сите активности.

Од Фолтин истакнуваат дека јубилејот е посветен на публиката, соработниците и сите кои во текот на три децении биле дел од нивната музичка приказна, нагласувајќи дека најголемото достигнување не се изданијата и концертите, туку трајната врска со луѓето.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.