Скопје пулсираше во знакот на гламурот и хуманоста – одржани вторите по ред „Lazarov Awards“

Елитниот скопски ресторан „Парк“ во организација на „Рагуза Груп“ синоќа беше центар на македонскиот џет-сет, каде во атмосфера исполнета со емоции, музички изведби и силни пораки се одржа второто издание на манифестацијата „Lazarov Awards 2026“.

 

Настанот, кој со право се етаблира како автентична прослава на креативноста и талентот, започна со холивудско дефиле на црвениот тепих каде блеснаа најпознатите инфлуенсери, спортисти, актери и естрадни ѕвезди. Додека гостите во салата ги споделуваа првите впечатоци пред почетокот на гала-програмата, илјадници гледачи со нетрпение ја следеа целата возбуда во живо преку дигиталните платформи.

 

Во текот на маратонската четиричасовна програма беа доделени вкупно 19 статуетки за поединци и проекти кои оставија неизбришлив белег на јавната сцена во изминатите 12 месеци. Признанието „Талент без граници“ замина во рацете на поп-дивата Тамара Тодевска, додека за „Нова сензација“ беа прогласени младите Никола Станишиќ и Тина Русева. Спортскиот трон му припадна на Дарио Ивановски кој беше избран за „Спортист на годината powered by Mozzart“, додека пливачкиот херој Марко Пејчиновски го понесе признанието за „Спортски подвиг на годината“. Во дигиталниот свет, Фино Ватчов (Finn Macedonia) триумфираше како „Травел-инфлуенсер на годината“, Миа Костова ја зеде престижната титула „Инфлуенсер на годината“, а „Виц Битка“ на Стефан Николовски беше награден за „Најгледан YouTube проект“. Хуманата организација СОС Детско село сосема заслужено беше прогласена за „Херои на годината“.

 

Културата и забавата исто така имаа свои лауреати, па така Антониа Гиговска се закити со признанието „Талент на декадата“, додека Тино и Атанас со својот проект „На линија“ ја освоија наградата за „Stand-up на годината“. Претставата „Аматери“ на Театар Комедија беше прогласена за најдобра во театарската категорија. Музичкиот блок донесе апсолутна доминација на групата Дупер, кои си заминаа со две статуетки – за „Бенд на годината“ и за „Хит на годината“ за нумерата „Може, може, може“. Влатко Лозаноски со својот спектакл „Километри љубов“ го освои признанието „Концерт на годината“, Слаткаристика го зеде трофејот за „Албум на годината“ со социјално-ангажираниот наслов „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“, додека трап-дуото 2Bona беа крунисани за „Артисти на годината“. Младиот Young Dadi со песната „Лидија“ ја однесе наградата за „Хит на годината на млад артист powered by Zdrava Stanica“, а Влатко Миладиноски беше прогласен за „Фолк пејач на годината“.

 

Покрај наградите, вечерта помина во знак на врвни музички спојувања и силни емоции. Публиката уживаше во изведбите на Игор Џамбазов, Елвир Мекиќ и Јован Јованов, а вистински бум во салата предизвика заедничкиот настап на Благица Павловска и Антониа Гиговска со легендарниот рефрен „Чукај, чукај срце“. Посебно емотивен беше настапот на фолкерот Миладиноски, кого на гитара го придружуваше таткото на домаќинот Стефан Лазаров. Сепак, врвот на вечерта беше претставувањето на хуманитарната иницијатива „Нешто добро од срце“ зад која стојат Стефан Лазаров, Димитар Атанасовски и Васил Мандаровски - Мандар. Преку трогателно видео беше прикажана целосната реконструкција на домот на социјално загрозеното семејство Велковски од Куманово, проект реализиран со помош на општествено одговорни фирми. Спектаклот заврши во еуфорична атмосфера со финално извлекување на големата наградна игра, каде среќен добитник си замина дома со нов автомобил, со што се заокружи вечерта која докажа дека македонската естрада има и талент и големо срце.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.