Светскиот број на присилно раселени лица се намали првпат по една деценија, но кризата останува сериозна
- Детали
- Категорија: Останато
- Создадено: 11 Јуни 2026
Бројот на присилно раселени лица во светот се намалил за првпат во последните десет години, но и понатаму останува на загрижувачки високо ниво, покажува најновиот Глобален извештај за трендовите на УНХЦР – Агенцијата на Обединетите нации за бегалци.
На крајот на 2025 година, во светот имало 117,8 милиони присилно раселени лица, од кои повеќе од пет милиони биле принудени да ги напуштат своите домови и да побараат заштита во други држави. Дури 70 проценти од бегалците се наоѓаат во долготрајно раселување, додека 68 проценти се згрижени во земји со низок и среден приход.
Во споредба со претходната година, вкупниот број на присилно раселени лица е намален за 5,4 милиони, односно за четири проценти, главно поради зголемениот број повратници. Во текот на 2025 година, околу 14,7 милиони раселени лица се вратиле во своите домови или земји на потекло, меѓу кои и 4,4 милиони бегалци. Најголем дел од враќањата биле регистрирани во Авганистан, Судан и Сирија.
Сепак, УНХЦР предупредува дека многу од овие враќања се случиле под притисок или во нестабилни и небезбедни услови, што ја нагласува потребата од континуирана поддршка за заштита, реинтеграција и создавање услови за безбедно, доброволно и достоинствено враќање.
Високиот комесар на УНХЦР, Бархам Салих, повика на нов пристап за справување со долготрајното раселување, истакнувајќи дека хуманитарната помош спасува животи, но не е доволна за бегалците да изградат самостојна иднина.
„За премногу бегалци, раселувањето започнува како спас, но трае цел живот. Потребна е промена која ќе донесе надеж и нови можности за луѓето кои бегаат од војни и прогонства“, изјави Салих.
Тој ја претстави и амбицијата на УНХЦР во следната деценија за повеќе од половина да се намали бројот на бегалци кои долгорочно зависат од хуманитарна помош, преку создавање услови за достоинствен живот, права и економски можности.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















