Се подготвува единствен систем на плати во јавниот сектор, новиот закон до крајот на 2026
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 14 Септември 2026
Започна петдневна TAIEX експертска мисија за воспоставување единствен и усогласен систем на плати во јавниот сектор, со кој треба да се надминат различните правила и практики што сега се применуваат во институциите.
Мисијата ја отворија министерот за јавна администрација Горан Минчев и вршителката на должноста амбасадор на Грција, Христина Василату. Грчки експерти од Министерството за национална економија и финансии ќе го пренесат искуството од грчкиот Единствен систем на исплата, кој овозможува централизирано и усогласено управување со исплатите во јавниот сектор.
„Нашата цел е јасна – да воспоставиме систем во кој правилата ќе бидат јасни и еднакви за сите, а принципот ‘еднаква плата за еднаква работа’ да биде реално применлив во целиот јавен сектор“, порача Минчев.
Министерството работи на нова законска рамка за системот на плати, која, според најавите, треба да биде заокружена до крајот на 2026 година, а постепеното спроведување да започне во 2027 година. И реформската агенда предвидува воспоставување нов систем на плати со соодветна класификација на работните места до декември 2026 година.
Минчев нагласи дека целта не е механичко копирање на грчкиот модел, туку негово анализирање и прилагодување на институционалните, законските и финансиските услови во Северна Македонија, со очекување реформата да донесе поголема транспарентност, подобра контрола на јавните средства и поквалитетни податоци за креирање политики.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















