УЈП објави калкулатор за пресметка на данокот за издавање недвижен имот под закуп

Управата за јавни приходи (УЈП) воведе нов калкулатор за пресметка на данокот на личен доход од закупнина и подзакуп на недвижен имот, наменет за случаи кога физичко лице издава недвижност на друго физичко лице.

Алатката им овозможува на граѓаните брзо и едноставно да го пресметаат данокот што треба да го платат, без потреба од рачна пресметка.

Калкулаторот нуди две можности за пресметка – врз основа на бруто или нето приходот од закупнината.

Кај пресметката според бруто приход, корисникот го внесува износот на закупнината, по што системот автоматски ги пресметува признаените трошоци – 10 проценти за неопремена и 15 проценти за опремена недвижност. Потоа автоматски се утврдува даночната основа, износот на данокот на личен доход и нето приходот што му останува на закуподавачот.

Доколку се користи пресметка според нето приход, по внесувањето на нето износот, калкулаторот автоматски ги пресметува признаените трошоци, даночната основа, износот на данокот и бруто приходот.

УЈП информира дека алатката е проширена и за физички лица кои се регистрирани како ДДВ обврзници, при што, покрај данокот на личен доход, автоматски се пресметува и износот на данокот на додадена вредност (ДДВ).

Со оваа дигитална услуга, Управата за јавни приходи има за цел да ја олесни пресметката на даночните обврски и да обезбеди поголема точност и транспарентност при пријавувањето на приходите од издавање недвижен имот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.