ВМРО-ДПМНЕ: Аеродром со инвестиции во улици, спорт, образование и култура
- Детали
- Категорија: Аеродром
- Создадено: 03 Септември 2026
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Општина Аеродром продолжува со реализација на повеќе инфраструктурни и развојни проекти, кои, според партијата, имаат цел да ги подобрат условите за живот во општината.
Како што наведуваат од партијата, за реконструкција на 18 улици со вкупна должина од 5,4 километри се издвоени 138 милиони денари.
Дел од улиците веќе се реконструирани, додека градежни активности се одвиваат и на повеќе локации во Горно и Долно Лисиче.
Во партиското соопштение се посочуваат и инвестиции во водоводната мрежа, како и во модернизација на јавното осветлување преку најавено воведување на смарт-систем.
Образованието е уште една од областите за кои ВМРО-ДПМНЕ наведува дека се реализираат значајни проекти.
Меѓу нив се проширувањето на ООУ „Блаже Конески“, изградбата на нови училници во ООУ „Гоце Делчев“ и создавањето услови за едносменска настава во други основни училишта.
Во училиштата, според партијата, се вложува и во современа опрема и енергетска ефикасност.
Во делот на предучилишното образование, од ВМРО-ДПМНЕ информираат за подготовка на проект за првата градинка во Долно Лисиче, проширување на „Изворче“, како и реконструкции и подобрувања во други објекти.
Партијата посочува и на активности поврзани со заштитата на животната средина, при што наведува дека биле исчистени повеќе од 600 тони отпад и голем број диви депонии.
Во Ново Лисиче, според соопштението, е поставен систем за полевање на зелените површини, а започната е и селекција на пластичниот отпад од домаќинствата.
Во спортот и културата, ВМРО-ДПМНЕ ги издвојува изградбата на првата спортска сала во Долно Лисиче, уредувањето на спортски и рекреативни зони, како и изградбата на мултифункционален културен центар во Ново Лисиче.
Од партијата информираат и за започнување проект за видеонадзор, подобрување на уличното осветлување и засилување на контролите во областа на комуналниот ред, бучавата и градилиштата.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека со овие проекти Аеродром се развива преку инвестиции насочени кон инфраструктурата, образованието, спортот, културата, животната средина и безбедноста.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













