Здравје/Фитнес
Доенчињата и малите деца се најранливи за време на топлотните бранови
- Детали
- Категорија: Здравје/Фитнес
- Создадено: 04 Август 2026
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до родителите и старателите да посветат посебно внимание на заштитата на доенчињата и предучилишните деца за време на високите летни температури, бидејќи тие се меѓу најранливите категории на населението.
Од ИЈЗ предупредуваат дека организмот на малите деца потешко ја регулира телесната температура, поради што тие имаат зголемен ризик од прегревање, дехидратација и други здравствени последици поврзани со топлината.
За доенчињата до шестмесечна возраст се препорачува да не бидат изложени на директно сонце, да престојуваат во сенка и да се избегнува излегување во периодот од 11 до 17 часот. Тие треба да бидат облечени во лесна и светла облека од природни материјали, а главата да биде заштитена со капа со широк обод.
ИЈЗ нагласува дека кај доенчињата помлади од шест месеци не се препорачува употреба на крем за сончање, туку заштитата треба да се обезбеди со сенка, соодветна облека и избегнување директно сончево зрачење.
Доенчињата кои се хранат исклучиво со мајчино млеко треба почесто да се дојат, бидејќи мајчиното млеко ги обезбедува потребните течности. Кај бебињата кои користат млечна формула, родителите треба да внимаваат на доволниот внес на течности и формулата да ја подготвуваат исклучиво според упатството.
За децата постари од шест месеци и за предучилишната возраст, покрај престој во сенка, се препорачува користење крем за сончање со SPF 30 или повисок, редовен внес на вода, носење лесна облека и ограничување на физичките активности во најтоплиот дел од денот.
Од Институтот потсетуваат дека ниту едно дете не смее да се остава само во паркирано возило, дури ни на краток временски период и без разлика дали возилото е паркирано во сенка.
Препознајте ги симптомите на прегревање
ИЈЗ советува родителите веднаш да реагираат доколку кај детето се појават знаци на прегревање или дехидратација, како што се силна жед, сува уста, намалено мокрење, слабост, вртоглавица, гадење, повраќање, забрзано дишење, покачена телесна температура, необична раздразливост или изразена поспаност.
Доколку детето има многу висока температура, нарушена свест, грчеви или состојбата брзо му се влошува, потребно е веднаш да се побара итна медицинска помош.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















