AI ќе одлучува кои брендови ќе бидат видливи: Експерти предупредуваат дека класичниот дигитален маркетинг веќе не е доволен
- Детали
- Категорија: Технологија
- Создадено: 25 Мај 2026
Традиционалните методи за дигитална видливост повеќе не се доволни за опстанок на пазарот во ерата на вештачката интелигенција, беше порачано на бизнис настанот Will AI Find Your Brand?, што се одржа во организација на АНК Северна Македонија и Represent Communications Скопје.
Настанот ги собра комуникациските експерти од регионот и претставници на бизнис заедницата, со фокус на влијанието на големите јазични модели и вештачката интелигенција врз репутацијата и видливоста на компаниите.
Во дискусијата беше истакнато дека корисниците сè почесто бараат персонализирани одговори преку AI алатки како ChatGPT и Gemini, наместо преку традиционални пребарувачи.
Виктор Стојкоски, генерален секретар на Асоцијација за е-трговија и сопственик на svnadesign.com, истакна дека AI целосно го менува патот до купување.
„Најуспешни ќе бидат брендовите што ќе изградат силна дигитална репутација, јасно присуство и доверба кај корисниците и AI системите“, рече Стојкоски.
На темата за „машински читлива“ репутација се осврна и Борислав Миљановиќ, сопственик и извршен директор на Represent System.
Според него, компаниите денес мора да управуваат не само со сопствената комуникација, туку и со начинот на кој вештачката интелигенција ги интерпретира.
Гордана Коруноска од Synapse ја истакна важноста на „дигиталната доверливост“, нагласувајќи дека AI системите работат врз основа на сигнали и доверливи податоци.
На настанот беа презентирани и конкретни примери за раст на AI видливоста. Лазар Јовановиќ посочи дека компаниите со соодветна стратегија можат да го зголемат присуството во AI одговорите за над 130 проценти, што директно влијае и врз продажбата.
Организаторите порачаа дека компаниите кои навремено ќе се адаптираат на новите AI трендови ќе имаат значајна предност во идната дигитална економија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















