Халкидики по големиот пожар: Ситуацијата се стабилизира, но остануваат мерките за претпазливост

Состојбата во Сивири и Фурка на првиот крак на Халкидики се стабилизира по големиот пожар што во изминатите денови предизвика евакуација на жители и туристи, но надлежните служби и натаму се на терен поради опасноста од повторно разгорување на огнот.

Во областа Сивири и денеска се ангажирани противпожарни екипи кои ја следат состојбата и интервенираат за да се спречат евентуални нови жаришта. Дел од туристите и жителите кои беа евакуирани постепено се враќаат во областа.

Сепак, ризикот од пожари и натаму е висок, поради што грчките власти преземаат дополнителни превентивни мерки.

На сила е забрана за движење на пешаци и возила во одредени шумски подрачја на Халкидики, која важи од 8 часот на 16 август до 8 часот на 17 август. Мерката се однесува на определени области во општините Касандра, Ситонија, Аристотел и Полигирос. За непочитување на забраната е предвидена и глоба од 300 евра.

Затворен патот Сивири–Фурка

За туристите кои се на првиот крак важно е и тоа што патниот правец Сивири–Фурка останува затворен поради работи на отстранување на опасни дрвја и остатоци по пожарот.

Сообраќајот постепено се нормализира на делницата од Касандрeја кон Сивири, додека за движење кон Фурка се користат алтернативни правци.

Препорака до македонските туристи

На македонските граѓани кои моментално се на Халкидики им се препорачува да бидат особено внимателни и да ги следат информациите и упатствата од грчките надлежни служби.

Туристите треба:

да не влегуваат во шумски и опожарени подрачја каде што има забрана;

да не палат оган или скара на места каде што тоа е забрането;

да не фрлаат отпушоци и други запаливи материјали во природа;

да ги следат известувањата преку системот за итни предупредувања 112;

при евентуална наредба за евакуација веднаш да постапат според упатствата на надлежните служби;

пред да тргнат на пат да ја проверат состојбата на патиштата, особено доколку патуваат кон Сивири и Фурка.

 

За оние кои допрва планираат да заминат на Халкидики, не постои причина целосно да се избегнува целиот полуостров, но се препорачува дополнителна претпазливост, особено при изборот на дестинација на Касандра и во близина на подрачјата погодени од пожарот.

Најважно е туристите да не ја потценуваат опасноста и да ги почитуваат сите ограничувања што ги воведуваат грчките власти.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.