Македонските борачи со четири медали на Медитеранските игри во Таранто

Македонската делегација на Медитеранските игри Таранто 2026 досега освои четири медали.

Машката конкуренција има освоено три медали – два сребрени и еден бронзен, додека женската конкуренција има еден бронзен медал.

За значајниот успех се погрижија Фати Вејсели, Реџеп Хајдари и Ахмад Магомедов и Вероника Консевиќ.

Вејсели и Хајдари стигнаа до сребрените медали во категориите до 74 и 97 килограми. Двајцата загубија во финалните борби, Вејсели од Ислам Дудаев, а Хајдари од Даурен Куруглиев.

Ахмад Магомедов го освои бронзениот медал откако во борбата за третото место убедливо го совлада Габриеле Николини со технички туш 10:0.

Успехот на македонското борење го заокружи Вероника Консевиќ, која исто така се закити со бронзен медал во слободен стил до 57 килограми. Во борбата за третото место Консевиќ ја совлада Милица Перовиќ со 7:5.

Особено емотивен е податокот што Консевиќ на Медитеранските игри отпатувала со своето 11-месечно бебе, кое, како што истакнува, ѝ било дополнителна мотивација за остварување на успехот.

Со овие резултати, македонските борачи повторно покажаа дека се меѓу најголемите адути на земјата на големите меѓународни натпреварувања.

Со овој учинок, Македонија продолжува со настапите на Медитеранските игри во Таранто, каде што македонските спортисти ќе имаат можност дополнително да го зголемат медалскиот биланс.

Фото: МОК





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.