Естетска и музичка приказна: Симона Поповска со нов летен сингл и провокативен спот за „Дај ми“

Македонската пејачка Симона Поповска ја претстави својата најнова песна насловена „Дај ми“, придружена со визуелно впечатлив видеоспот кој веднаш го привлече вниманието на јавноста.

 

Останувајќи верна на својот препознатлив уметнички сензибилитит, таа со овој проект нуди модерна музичка приказна совршено скроена за летниот период.

 

Композицијата е спакувана во современ афро хаус стил, чиј ритам дополнително е збогатен со енергичните и живи перкусии на познатиот Бока Конга, што на аранжманот му дава дополнителен динамичен пулс.

 

Зад привлечните летни вибрации се крие длабока и универзално препознатлива тема која ги истражува комплексите на модерните љубовни врски.

 

Песната искрено проговорува за стравовите, несигурноста и дилемата дали новата романса е почеток на нешто искрено или само уште една минлива авантура во брзиот свет во кој живееме.

 

Оваа внатрешна борба меѓу копнежот по стабилност и стравот од емотивно разочарување е јасно изразена во клучниот рефрен на песната.

 

Зад целосниот аудиопроцес стои Кирил Зарлинов (Ерик Фокс) како автор на музиката, аранжманот и продукцијата, текстот е дело на Робин Зимбаков, додека за финалниот микс и мастеринг заеднички се погрижија Дулелуд и самата пејачка.

 

Визуелизацијата на „Дај ми“ е приказна за себе, реализирана со исклучителна естетика низ кадри кои се прелеваат од златните пченични полиња под отворено небо, па сè до луксузна млечна бања збогатена со нежни бели орхидеи.

 

Видеото е изработено под режисерската палка на Крсте Шупев и во продукција на „20TWO.Studio“.

 

Самата Симона Поповска истакнува дека уште при првото слушање почувствувала силна емоција со која веднаш се поврзала, изразувајќи надеж дека публиката ќе ја почувствува истата искреност и ќе пронајде дел од себе во ова ново уметничко поглавје.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.