Дејвид Гета повторно застана зад македонскиот диџеј Галоски: Новиот сингл „To The Beat“ премиерно пуштен во неговата радио емисија
- Детали
- Категорија: ШоуБиз
- Создадено: 22 Јуни 2026
Македонскиот продуцент и диџеј Галоски продолжува да освојува признанија на светската електронска сцена. Неговиот најнов сингл „To The Beat“, објавен на 19 јуни преку Smash The House, доби поддршка од еден од најголемите светски хитмејкери – David Guetta.
Песната беше премиерно емитувана во радио емисијата на Гета уште на денот на објавувањето, што претставува уште една значајна меѓународна потврда за работата на македонскиот артист.
Ова не е првпат Гета да ја поддржи музиката на Галоски. Веќе повеќе од една деценија, неговите продукции редовно се наоѓаат во сетовите и радио емисиите на светски познати имиња како Tiësto, Armin van Buuren, Martin Garrix, Solomun и Dimitri Vegas & Like Mike.
Минатата година Галоски забележа уште еден значаен успех кога членовите на Swedish House Mafia – Axwell, Steve Angello и Sebastian Ingrosso – тестираа негова песна на фестивалот Tomorrowland. По настапот, нумерата беше потпишана за нивната издавачка куќа Superhuman, а подоцна доби поддршка и од Соломун и од самите Swedish House Mafia во Њујорк.
Покрај музичките изданија, Галоски активно ја гради својата меѓународна кариера и преку настапи ширум светот. Во изминатиот период беше дел од музичките сцени во Токио, Бангкок, Барселона и Ибица, каде што годинава учествуваше и на Меѓународниот музички самит – еден од најважните настани во електронската музичка индустрија.
Покрај улогата на артист и продуцент, Галоски е активно вклучен и во музичкиот маркетинг, соработувајќи директно и индиректно со повеќе од 80 артисти од светскиот врв. На неговите социјални мрежи често може да се видат проекти поврзани со имиња како Argy, Korolova, Miss Monique, ARTBAT и многу други.
Со „To The Beat“, Галоски продолжува успешно да ја промовира македонската електронска музика на глобалната сцена. Неговиот следен сингл е најавен за 3 јули, а македонската публика ќе има можност премиерно да го слушне на Антена 5.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













