(Видео) Влатко Миладиноски со нова емотивна балада „Михаела“ – музичка приказна инспирирана од вистински живот
- Детали
- Категорија: ШоуБиз
- Создадено: 19 Јуни 2026
Македонскиот пејач Влатко Миладиноски ја промовира својата најнова песна и видеоспот „Михаела“, емотивна балада која носи силна порака за љубовта, носталгијата и животните приказни што оставаат длабока трага.
Песната е создадена во соработка со неговиот брат Златко Миладиноски и претставува посебен музички проект, бидејќи за првпат во македонската музика е опејувано името Михаела. Инспирацијата за песната доаѓа од вистинска животна приказна и е посветена на млада Македонка која живее во Италија.
Автор на музиката и аранжманот е Златко Миладиноски, додека текстот го напиша Ѓорѓи Калајџиев. Со „Михаела“, Влатко Миладиноски се претставува во поинакво светло, нудејќи балада која значително отстапува од неговиот препознатлив музички стил и досегашен репертоар.
Посебен белег на проектот дава и учеството на легендарниот гитарист Петар Ренџов, кој за првпат се појавува како гостин на фолк композиција. Ова е и негова прва музичка соработка со браќата Миладиноски. Интересно е што дополнителна инспирација за неговото учество била фактот дека и неговата ќерка го носи името Михаела.
Видеоспотот, реализиран во продукција на „Moonlight“, е снимен на три различни локации. Првиот дел е сниман во Италија, каде во кадар се појавуваат Михаела и нејзиниот партнер – луѓето кои ја инспирирале оваа музичка приказна. Вториот дел е реализиран во Скопје со сцените во кои настапува Петар Ренџов, додека завршните кадри се снимени во Валандово, на фестивалската сцена каде Влатко и Златко Миладиноски настапуваат придружувани од голем оркестар.
Авторите упатија благодарност до градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев, за поддршката во реализацијата на проектот, како и до сите соработници кои учествуваа во создавањето на видеото и музичката продукција.
„Михаела“ е песна исполнета со искрени емоции, љубов и копнеж, која преку музиката раскажува приказна што лесно ќе се препознае кај секој што некогаш сакал, чекал или посветил песна на некого.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













