(Видео) MIYATTA ја промовира новата песна „Ти биди СВОЈ“ со порака за слобода и автентичност

Македонската музичарка MIYATTA ја претстави својата нова песна „Ти биди СВОЈ“, проект кој е целосно снимен и отсвирен во живо во студиото „Подрумот“ во Скопје.

Авторка на музиката, текстот, вокалната изведба и дел од аранжманот е самата MIYATTA, која за реализацијата на песната соработуваше со повеќе музичари. Виолината ја отсвири Гоце Вангеловски, на пијано настапува Бојан Димитровски, додека гитарските делници ги изведуваат Кире Мирчовски и Јаков Ѓорговски. Бас-гитарата и тапаните се дело на Иво Митковски.

Посебен белег на композицијата ѝ дава звукот на бенџото, инструмент карактеристичен за кантри музиката, кој го отсвири американскиот музичар Рики Миер. Според авторката, неговото учество ја нагласува универзалноста на музиката и нејзината способност да ги надминува границите.

За аудио продукцијата и аранжманот беше задолжен Ангел Ќосев, со кого MIYATTA веќе има остварено неколку успешни соработки.

Видеоспотот за песната е снимен на две локации во Македонија – Пробиштип и Кучково, места кои, како што истакнува авторката, за неа имаат силна позитивна енергија. Режијата ја потпишува самата MIYATTA, директор на фотографија е Сашо Доковски, а монтажата е на Горан Цветковиќ.

Пејачката упати благодарност до Балетското студио „Магија“ од Пробиштип и до локалната заедница во градот за поддршката при реализацијата на видеото. Дел од спотот е снимен и на карпата во Кучково, во Општина Ѓорче Петров, која авторката ја опишува како место со посебна енергија.

Преку песната и видеото, MIYATTA испраќа порака за прифаќање на сопствената индивидуалност, ослободување од предрасуди и чувство на комфор во сопствената кожа.

„Сакав видеото да ја пренесе енергијата што значи за мене кога сум своја, растеретена од сите норми и очекувања. Се надевам дека оваа позитивна порака ќе допре до сите на кои им е потребна и дека песната ќе биде прифатена од македонската публика“, порачува MIYATTA.

Новата композиција „Ти биди СВОЈ“ носи мотивирачка порака за самодоверба, слобода и лична автентичност, вредности кои авторката ги става во центарот на своето најново музичко издание.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.