Скандалот со возачките дозволи се шири: 27 осомничени, за тројца предложен притвор
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 13 Септември 2026
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 27 лица, кои ги сомничи дека како соизвршители учествувале во фалсификување исправи поврзано со незаконско издавање возачки дозволи.
Меѓу осомничените е и вработена во Одделението за управни работи Скопје при МВР, која, според Обвинителството, со користење на службената шифра и овластувањата во електронскиот систем незаконски менувала барања и внесувала категории во возачки дозволи за кои подносителите не ги исполнувале законските услови.
Во случајот биле откриени и четири лица кои, според сомнежите на Обвинителството, посредувале меѓу заинтересираните лица и службеничката во МВР. Тие наоѓале кандидати, ги поврзувале со службеното лице и ја координирале постапката до незаконското внесување и одобрување на категориите.
Обвинителството наведува дека лицата на кои им биле издадени дозволите, иако не ги исполнувале условите за одредени категории, потоа ги користеле фалсификуваните исправи како вистински.
За вработената во МВР и за уште две лица кои, според сомнежите, повеќепати ги употребувале лажните дозволи при управување возила во меѓународен превоз на патници и стоки, јавниот обвинител побарал да им биде определен притвор.
За други 17 лица се предложени мерки на претпазливост, додека седуммина во моментов се недостапни за органите на прогонот.
Од Обвинителството велат дека истрагата продолжува и дека се проверува можната вмешаност на други вработени во МВР, посредници и корисници на фалсификуваните документи, како и евентуални други злоупотреби при издавањето и користењето на возачките дозволи.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













