Голем скандал со возачки дозволи: 27 лица пријавени, вмешана и вработена во МВР

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против 27 лица, меѓу кои и една вработена во Министерството, поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.

Според МВР, при истрагата биле утврдени злоупотреби во постапките за издавање возачки дозволи, преку незаконско менување податоци во електронскиот систем и издавање јавни исправи со невистинита содржина.

Вработената во Одделението за управни работи Скопје, според пријавата, во периодот од септември 2020 до август 2026 година ја користела својата службена шифра за да менува веќе креирани барања и да внесува категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. На овој начин биле издадени возачки дозволи на 21 лице со незаконски внесени категории, додека во еден случај дејствието останало во обид.

Истрагата утврдила и дека четири лица посредувале меѓу заинтересираните граѓани и службеничката во МВР, координирајќи ја постапката до незаконското внесување и одобрување на категориите.

Дополнително, шест лица ги употребиле така издадените возачки дозволи при преминување на државната граница. Две од нив ги користеле и при постапки за добивање сертификати за професионална компетентност за возачи во меѓународен превоз на патници и стоки.

За вработената во МВР се поднесуваат пријави за 22 кривични дела „Фалсификување исправа“ и едно дело во обид, додека останатите пријавени се сомничат за фалсификување исправа во соизвршителство и употреба на исправа со невистинита содржина.

МВР го известило и Министерството за транспорт, од кое е побаран вонреден надзор над правните лица што вршат обука или посредуваат при издавање сертификати за професионална компетентност, како и преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати.

Против вработената во МВР ќе биде поведена и постапка за утврдување дисциплинска одговорност, а ќе биде суспендирана до завршување на дисциплинската постапка.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.