Помошник-директор во Царинската управа уапсен кај Желино со 17.500 евра поткуп по драматична брканица и удар врз полициско возило

Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), поднесе кривична пријава против 63-годишниот Џ.И. од тетовското село Шипковица, помошник-директор во Царинската управа на РСМ, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „примање поткуп“ по член 357 и „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 од Кривичниот законик.

 

Според истражните податоци, пријавениот во периодот од април до септември 2026 година во повеќе наврати побарал вкупно 17.500 евра од лице кое го пријавило случајот, од кои 7.500 евра биле побарани и примени за непречена реализација на веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа, додека дополнителни 10.000 евра побарал за да го искористи своето реално влијание во постапка пред Државната комисија за жалби по јавни набавки со цел последователна промена на техничките спецификации во корист на одредено правно лице.

 

Драматичната акција се одвивала на 10 септември 2026 година, кога по приемот на побараната сума на претходно договорена средба, осомничениот со возило се упатил кон Тетово.

 

Во близина на клучка Желино на автопатот Скопје-Тетово, полициските службеници се обиделе да го запрат, но тој одбил да застане, при што со возилото удрил во полициски службеник и во службено возило и се дал во бегство.

 

Во текот на бегството, тој низ прозорецот од совозачката страна исфрлил машка ташна во која се наоѓале парите, но по кратка и успешна потера, полициските службеници го сопреле возилото и го лишиле од слобода.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.