Филипче: 600 евра минимална плата, крај на луксузот, одговорност за увозот на струја и европско правосудство

Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција најави дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата повторно ќе бара минималната плата да се зголеми на 600 евра, односно 36.960 денари.

 

Тој оцени дека сегашната минимална плата од 26.000 денари не е доволна за покривање на основните животни трошоци во услови на раст на цените.

 

Филипче посочи дека минималната синдикална кошница е близу 70.000 денари, а со кирија или станбен кредит месечните трошоци на едно семејство можат да надминат 90.000 денари.

 

Според него, над 70 проценти од работниците примаат плата меѓу минималната и просечната, поради што зголемувањето на минималецот е неопходно.

 

Покрај повисока минимална плата, СДСМ предлага државата да ги субвенционира придонесите за приватните компании кои ќе ги зголемат платите.

 

Филипче смета дека на тој начин ќе се обезбеди поддршка и за работниците и за работодавачите.

 

Голем дел од прес-конференцијата Филипче посвети на критиките кон трошењето на јавните средства.

 

Тој побара Владата да ги намали, како што ги нарече, луксузните и непродуктивни трошоци за автомобили, мебел, патувања и други расходи и средствата да ги насочи кон граѓаните.

 

Лидерот на СДСМ упати и сериозни обвинувања за состојбите во енергетскиот сектор.

 

Тој тврди дека домашното производство на електрична енергија е намалено и дека зголемениот увоз на струја отвора сомнежи за поврзаности меѓу компании и лица блиски до власта.

 

Филипче порача дека за евентуалните спорни зделки мора да има одговорност и враќање на средствата доколку се утврдат злоупотреби.

 

Тој се осврна и на растот на цените на горивата, оценувајќи дека нискиот животен стандард е причината поради која граѓаните можат да си дозволат сè помалку гориво со своите примања, и покрај тврдењата дека цените се конкурентни во однос на регионот.

 

Во завршниот дел од прес-конференцијата, Филипче го отвори и прашањето за состојбите во правосудството.

 

Тој побара забрзување на европските интеграции и воведување европски стандарди во судството и обвинителството, оценувајќи дека тоа е неопходно за враќање на довербата на граѓаните.

 

Според Филипче, посилните европски механизми на контрола би овозможиле поголема одговорност за трошењето на јавните пари, јавните набавки и евентуалните коруптивни зделки.

 

Со барањата за повисоки плати, намалување на владините трошоци, поголема контрола во енергетскиот сектор и реформи во правосудството, Филипче оцени дека граѓаните мора да добијат поголема економска сигурност, но и институции што ќе носат одговорност за своите постапки.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.