Преку 70 уметници со богата програма во Тирана, Драч и Корча ја претставија македонската традиција и уметност

Во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Тирана, од 3 до 6 септември се одржа манифестацијата „Недела на македонската култура во Албанија“, која со учество на повеќе од 70 уметници од Македонија понуди богата и незаборавна програма пред бројната публика во Тирана, Драч и Корча.

 

Како што истакна директорката на КИЦ во Тирана, Ема Попивода, настаните привлекоа исклучителен интерес и беа широко проследени од албанските медиуми, вклучувајќи го и гостувањето на македонските уметници во емисиите на националната телевизија „Топ чанел“.

 

Затворањето на програмата во Старата чаршија беше обележано со изложбата на фотографии „Убавините на Преспа“, изведба на монодрама посветена на Крсте Петков Мисирков, претставување афоризми на македонски јазик и настап на фолклорното друштво „Преспа“, придружени со музички изведби на македонски уметници.

 

Манифестацијата предизвика големо внимание во јавноста, претставувајќи ги богатството и разновидноста на македонската култура низ музиката, поезијата, театарот, фотографијата и фолклорот.

 

На сите настани присуствуваше и националниот координатор за интеркултурализам, развој на културата и меѓуресорска соработка, Абаз Селмани, со што беше потврдена силната институционална поддршка за унапредување на соработката меѓу двете земји.

 

Овој значаен културен мост беше реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам на Македонија, Амбасадата на РС Македонија во Албанија и Министерството за туризам, култура и спорт на Албанија.

 

Фото извор: https://kultura.gov.mk/





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.