Министерство за култура и туризам: Средба меѓу министерот Сулејмани и шведскиот амбасадор Солстром – фокус на соработката во културата, туризмот и „Скопје 2028“
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 11 Август 2026
Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Македонија, Ола Солстром, на која беа разгледани можностите за интензивирање на билатералната соработка, со посебен акцент на унапредувањето на односите во областа на културата и туризмот.
На средбата, амбасадорот Солстром ги претстави клучните области преку кои Шведска дава значаен придонес и поддршка во земјава, вклучувајќи ја заштитата на животната средина, родовата еднаквост и владеењето на правото.
Посебно внимание беше посветено на можностите за зголемување на туристичката размена преку заемна промоција на двете земји како атрактивни дестинации.
Министерот Сулејмани го запозна амбасадорот со законската рамка и процесот на интеграција на туризмот во ресорното министерство, нагласувајќи ја потребата од размена на искуства и добри практики со земји со развиени туристички политики.
Во делот на културната соработка, соговорниците ја разгледаа можноста за зајакнување на институционалните врски, особено во изведувачките уметности, со акцент на операта и балетот.
Исто така, беше дискутирано и за тековните подготовки за проектот „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“.
Министерот Сулејмани истакна дека подготовките се одвиваат со забрзана динамика преку координиран и заеднички ангажман на Владата, Град Скопје и Министерството за култура и туризам.
На крајот, двете страни ја потврдија подготвеноста за продолжување на отворената комуникација и дефинирање конкретни заеднички иницијативи.
Фото извор: https://kultura.gov.mk/
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













