Општина Кисела Вода и ЈПДП: Увид во реконструкцијата на мостот на Маркова Река за подобрена сообраќајна безбедност
- Детали
- Категорија: Кисела Вода
- Создадено: 13 Август 2026
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, извршија теренски увид во градежните активности што интензивно се одвиваат на мостот на Маркова Река, лоциран на регионалниот пат Р1106 на влезот во Драчево.
Овој проект претставува значаен чекор во решавањето на прашањата поврзани со безбедноста и долгорочната функционалност на сообраќајната инфраструктура во овој дел од општината.
Динамиката на работите е целосно приспособена на летниот период и намалениот сообраќаен интензитет, со цел побрзо одвивање на активностите и минимизирање на сообраќајните застој.
Сеопфатната санација го опфаќа комплетниот горен строј на мостот, при што се отстрануваат дотраените дилатациски фуги, сливници, асфалт, огради и тротоари, по што следува изведба на нова бетонска плоча, поставување современа хидроизолација, ново асфалтирање и изградба на нови тротоари и заштитна ограда.
Инвестицијата е во вредност од 4.619.800 денари без ДДВ, а средствата се целосно обезбедени од буџетот на ЈПДП.
Градежните работи ги изведува компанијата „Синтек Инженеринг“ ДООЕЛ од село Бразда, додека стручниот надзор е доверен на „ЕОС Е.Е.“ ДОО од Скопје.
Како што истакна директорот Трајановски за време на увидот, работите се одвиваат според утврдениот план, а завршувањето на овие значајни зафати се очекува веќе на почетокот на септември.
Фото извор: https://www.facebook.com/betistamenkoska
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













