Конституиран Советот на стопанственици во Кисела Вода, презентирани мерки за поддршка на бизнисот и вработување

Во Општина Кисела Вода беше одржана првата седница на новоконституираниот Совет на стопанственици, на која беа претставени актуелните владини мерки за поддршка на компаниите, отворање нови работни места и поттикнување на вработувањето на младите.

 

На средбата присуствуваа заменик-министерот за економија Марјан Ристески и заменик-директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова, кои пред претставниците на деловната заедница ги презентираа можностите што ги нуди Оперативниот план за вработување.

 

Посебен фокус беше ставен на мерките за вработување млади лица до 29 години.

 

Преку подмерката „Вработување и раст на правни субјекти“, со вкупен буџет од околу 5,4 милиони евра, компаниите можат да добијат неповратна финансиска поддршка до 250.000 денари за ангажирање млади работници.

 

Дополнително, предвидени се грантови во износ од 160.000 до 220.000 денари за вработување на други категории граѓани, а како нова можност е воведен и дополнителен бонус од 10 проценти за компаниите кои ќе вработат лица-повратници. Аплицирањето за мерката е во тек.

 

На седницата презентација имаше и извршниот директор на Шведско-македонската стопанска комора, Самуил Наумовски Викиус, кој е член на Советот на стопанственици, а чија организација неодамна го пресели своето седиште во Општина Кисела Вода.

 

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, изрази благодарност до Владата за поддршката на економијата, како и до претставниците на институциите за презентираните можности пред локалните компании.

 

Таа порача дека Советот на стопанственици ќе продолжи да биде платформа за поврзување на бизнис-секторот со институциите и за побрзо информирање на компаниите за достапните мерки и можности за развој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.