Стефковски: Во првата година од вториот мандат реализирани или започнати 168 проекти во Гази Баба
- Детали
- Категорија: Гази Баба
- Создадено: 03 Септември 2026
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска презентираше отчет за првата година од неговиот втор мандат, при што оцени дека општината во овој период прераснала во „едно големо градилиште“ со 168 реализирани или започнати проекти.
Стефковски посочи дека за една година е реализирано речиси 30 проценти од неговата изборна програма, нагласувајќи дека фокусот бил ставен на инфраструктурата, образованието, детската заштита, поддршката за младите и семејствата и подобрувањето на условите за живот.
Во делот на образованието и детската заштита, градоначалникот ги издвои новите градинки „Кокиче“ во Трубарево и „Лавче“ во Инџиково, како и изградбата на нова градинка меѓу Маџари и Керамидница.
Во Ченто е реконструиран Домот на културата „11 Октомври“, додека се работи и на нова училишна зграда за ООУ „Крсте Мисирков“, како и на проширување и надградба на училиштата „Крум Тошев“ и „Његош“.
Стефковски информираше и дека се градат нови училишни спортски сали во Железара и Црешево.
Паралелно, според неговиот отчет, биле реконструирани повеќе улици во различни населби, а во соработка со Градот Скопје се обновени улицата „Перо Наков“ и натпатникот „Естекада“. Во тек е и реконструкцијата на улицата 519 во Керамидница.
Меѓу мерките за учениците и семејствата, градоначалникот ги посочи бесплатните училишни униформи, финансиската поддршка од 3.000 денари за првачињата, стипендиите за талентирани ученици и признанието „Наставник на годината“. Најавено е и продолжување на проектот за климатизирање на училниците.
За семејствата е зголемен надоместокот за новороденче од 5.000 на 8.000 денари, додека за младите до 35 години е воведено ослободување од комуналии при изградба на прв дом.
За првпат, според Стефковски, се воведени и субвенции за обука и полагање возачки испит за млади.
Во инфраструктурниот дел, како приоритетно прашање е издвоена изградбата на нова фекална канализација во Идризово и Јурумлери.
Општината продолжува и со мерки за заштита на животната средина преку субвенции за пелети, инвертер-клима уреди, велосипеди, печки на пелети, чистење оџаци, сончеви колектори и други мерки за енергетска ефикасност и намалување на загадувањето.
Стефковски порача дека отчетот не претставува завршеток на работата, туку основа за продолжување со нови проекти и инвестиции.
Тој ја истакна отчетноста кон граѓаните како обврска произлезена од довербата што ја добил за втор мандат.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













