Во тек изградбата на нова детска градинка во Гази Баба, ќе згрижува 150 деца
- Детали
- Категорија: Гази Баба
- Создадено: 21 Јули 2026
Во општина Гази Баба во тек е изградбата на нова детска градинка меѓу населбите Маџари и Керамидница, која ќе обезбеди услови за згрижување на 150 деца.
Градоначалникот Бобан Стефковски, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, изврши увид во текот на градежните работи.
Според Стефковски, станува збор за третата нова детска градинка што се гради во општината, како дел од стратегијата за проширување на капацитетите за згрижување на деца и подобрување на условите за младите семејства.
Новиот објект ќе се простира на површина од 1.360 квадратни метри, ќе има приземје и еден кат, а ќе располага со 10 занимални, од кои две ќе бидат наменети за јасли, а осум за деца од предучилишна возраст.
Вредноста на инвестицијата изнесува 147 милиони денари, обезбедени преку вториот повик на Владата, а рокот за изградба е 18 месеци.
Градоначалникот оцени дека градежните активности се одвиваат со добра динамика и изрази очекување проектот да биде завршен и пред предвидениот рок доколку темпото продолжи.
Тој најави дека во наредниот период ќе започне и изградбата на четврта детска градинка во населбата Сингелиќ, посочувајќи дека постапката за избор на изведувач е во завршна фаза.
Како што наведе, целта е да се обезбедат доволно места за згрижување на децата и да се намалат листите на чекање во општината.
Стефковски порача дека локалната самоуправа ќе продолжи со реализација на инфраструктурни проекти, вклучително и изградба на нови училишта, градинки, улици и паркови, со цел подобрување на условите за живот на жителите на Гази Баба.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













