Општина Центар ќе доделува еднократна парична помош за штетите од невремето
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 23 Јули 2026
Советот на Општина Центар денеска треба да разгледа предлог-одлука за утврдување на условите и начинот за доделување еднократна парична помош за граѓаните и правните лица чии објекти беа оштетени во силното невреме што го зафати Скопје на 21 јули.
Иницијативата е поднесена од градоначалникот Горан Герасимовски, кој изјави дека општинските служби уште од првиот ден се на терен, а паралелно со расчистувањето на последиците се работело и на обезбедување финансиска поддршка за најпогодените.
„Никој нема да остане сам во справувањето со штетите од ова невреме. Нашата цел е постапката да биде фер, транспарентна и средствата да стигнат до оние на кои навистина им се најпотребни“, изјави Герасимовски.
Осврнувајќи се на иницијативата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ за обештетување на граѓаните, Герасимовски рече дека Општина Центар веќе има воспоставена практика за вакви ситуации и дека институцијата навремено презема активности на терен.
„Општината е секогаш три чекори пред партиите, бидејќи наш врвен интерес се граѓаните и нивната безбедност.
Добро е и советниците да се вклучат и да ги засукаат ракавите. И јас ставам ракавици и работам со службите, нема потреба да ја политизираме оваа ситуација“, порача Герасимовски.
Од Општина Центар наведуваат дека со оваа мерка ќе се обезбеди директна финансиска помош за побрзо санирање на материјалните штети предизвикани од невремето.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













