Општина Центар формира комисија за проценка на штетите, продолжува расчистувањето по невремето

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа состанок на Штабот за заштита и спасување, на кој со претставници на општинските служби, МВР, ЈП ПОЦ и други институции беа договорени мерки за справување со последиците од силното невреме што ја зафати општината.

 

На состанокот беше донесена одлука да се формира комисија за проценка на штетите, а до куќните совети е упатено барање да извршат проверка на фасадите и покривите на станбените објекти со цел навремено да се утврдат евентуални безбедносни ризици.

 

Воедно, Општината ги повика општествено одговорните компании и партнери да се приклучат со механизација во расчистувањето на паднатите кровни конструкции.

 

За побрзо санирање на состојбата, хигиеничарите на ЈП ПОЦ ќе работат во повеќе смени и ќе бидат постојано присутни на терен, каде ќе учествуваат во отстранувањето на паднатите дрвја, гранки и други остатоци од невремето.

 

Герасимовски истакна дека безбедноста на граѓаните останува највисок приоритет и нагласи дека е неопходна координација меѓу институциите, куќните совети и станарите.

 

Тој посочи дека екипите на Општината работат во две смени, а во расчистувањето е вклучена и општинската администрација, која ќе помага на терен доколку биде потребно.

 

Во изминатите часови се расчистени повеќе локации низ Центар, при што со тешка механизација се отстранети паднати лимени кровни конструкции во Буњаковец, на улицата „Благоја Давков“, спроти трговскиот центар „Рамстор“ и кај „Агромеханика“.

 

Паралелно продолжуваат активностите за расчистување на паднатите дрвја, гранки и шут на повеќе улици во општината.

 

Градоначалникот повторно апелираше до граѓаните да бидат внимателни и, каде што имаат можност, да се вклучат во заедничките активности за побрзо надминување на последиците од невремето.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.