ДЗР со неповолно мислење за работењето на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“: Неуплатени 86 милиони денари комунална такса и 20 милиони денари застарени побарувања

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази неповолно мислење за финансиските извештаи на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – Скопје за 2024 година, откако ревизорите утврдиле сериозни слабости во финансиското управување, неуплатени обврски кон Општина Центар, застарени побарувања, неправилности во јавните набавки и пропусти во благајничкото работење.

Според ревизорскиот извештај, претпријатието до крајот на 2024 година не уплатило 86,36 милиони денари комунална такса во Буџетот на Општина Центар. Од овој износ, 79 милиони денари се акумулирани во периодот од 2019 до 2023 година.

Ревизијата покажала и дека ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ евидентира побарувања во висина од 80,12 милиони денари, при што 20,41 милиони денари, или 25 проценти од вкупните побарувања, се постари од шест години. За нив, како што наведува ДЗР, не биле преземени навремени мерки за наплата, ниту било извршено нивно обезвреднување.

Дополнително, во текот на 2024 година биле отпишани побарувања од физички лица во износ од 2,22 милиони денари, без да биде пресметан и платен данок на личен доход од околу 247 илјади денари, со што, според ревизорите, се намалени приходите во државниот буџет.

Ревизорите констатирале и дека дел од опремата и градежните објекти, меѓу кои паркомати, монтажни конструкции и урбана опрема, не биле соодветно евидентирани, а не била пресметана ниту амортизација за средствата ставени во употреба во текот на 2024 година, што влијаело врз точноста на финансиските извештаи.

Во извештајот се посочува дека не бил извршен целосен попис на средствата, побарувањата и обврските, имало несогласувања кај готовината во благајната, а пописната комисија не изготвила извештај за спроведениот попис.

Дополнително, ДЗР утврдил дека претпријатието нема донесено сметководствени политики, завршните книжења не биле извршени во законскиот рок, а трговските книги не биле затворени, што овозможувало ретроактивни измени.

Ревизијата констатирала неправилности и при пресметката на платите и надоместоците поради примена на Правилник за плати кој не бил усогласен со законската регулатива и Општиот колективен договор за јавниот сектор.

Забележани се и сериозни слабости во благајничкото работење, меѓу кои немање интерен акт за ракување со готовина, неводење благајнички дневник, некомплетна документација и необезбедена готовина во благајната.

Во делот на јавните набавки, ревизорите утврдиле неправилности кај постапки во вредност од 4,59 милиони денари, од кои во 2024 година биле реализирани 2,59 милиони денари. Констатирани се несразмерни услови за учество, прифаќање понуди над проценетата вредност, ненавремено објавување информации во Електронскиот систем за јавни набавки, како и нејасни технички спецификации.

Поради сите утврдени неправилности, Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и мислење со резерва за усогласеноста на работењето со законската регулатива.

Ревизорите до надлежните институции и до раководството на претпријатието доставиле препораки за отстранување на констатираните слабости и подобрување на финансиското управување.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.