Герасимовски ги повика жителите на Центар да ги користат дигиталните услуги преку ГИС порталот

Жителите на Општина Центар можат на едно место брзо и едноставно да пристапат до голем број општински услуги и информации преку ГИС порталот, дигитална платформа наменета за подобра комуникација меѓу локалната самоуправа и граѓаните.

 

Градоначалникот Горан Герасимовски ги повика граѓаните да се регистрираат и да ги искористат можностите што ги нуди системот.

 

Според него, платформата овозможува полесен пристап до општинските сервиси, поголема транспарентност и поефикасно информирање за сите активности на Општината.

 

По регистрацијата, корисниците можат да ги следат најновите известувања, јавните повици, културните настани, како и тековните и планираните инфраструктурни проекти.

 

Преку порталот, граѓаните имаат можност активно да се вклучат во работата на Општината преку учество во анкети, јавни консултации и форуми, со што директно придонесуваат во креирањето на локалните политики и приоритети.

 

Една од најкористените услуги е модулот за градинки, кој на родителите им овозможува персонализиран увид во присуството на детето, дневните активности, известувањата и други информации поврзани со престојот во градинката.

 

Во состав на ГИС порталот се достапни и податоци за деталните урбанистички планови, со можност за електронско поднесување барања за извод од ДУП, современ 3Д приказ на општината преку системот Digital Twin, Зелен катастар со информации за парковите и дрворедите, како и податоци за јавната инфраструктура, сообраќајната мрежа и други просторни информации.

 

Со континуираното унапредување на платформата, Општина Центар продолжува да ги дигитализира своите услуги, со цел да обезбеди поефикасна, подостапна и потранспарентна локална администрација за сите граѓани.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.