Решен предизвикот со наставата на албански јазик во ООУ „Петар Здравковски – Пенко“

Проблемот со организацијата на наставата на албански наставен јазик во ООУ „Петар Здравковски – Пенко“ во Бутел е надминат, информираше заменик-министерот за образование и наука Дритон Сулејмани.

 

На денешната прес-конференција тој посочи дека е постигнат договор меѓу Министерството за образование и наука и општините Бутел и Чаир, со кој на учениците од Чаир што живеат во непосредна близина на училиштето им е овозможено да се запишат и да ја следат наставата во овој објект, доколку имаат постар брат или сестра кои веќе учат таму.

 

Според податоците на Министерството, на овој начин во ООУ „Петар Здравковски – Пенко“ се запишани повеќе од 30 ученици кои територијално припаѓаат на Општина Чаир, но живеат во близина на училиштето.

 

Сулејмани се осврна и на информациите за наводно намалување на бројот на паралелки на албански наставен јазик.

 

Тој појасни дека во минатата учебна година биле формирани четири паралелки во прво одделение, а не пет, како што било наведувано во јавноста.

 

И оваа учебна година се формирани четири паралелки на албански наставен јазик, со просечно по 25 ученици.

 

Оттука, според Сулејмани, нема намалување на бројот на паралелките, туку наставата е организирана согласно бројот на запишани ученици и законските прописи.

 

„Тврдењето дека оваа година е затворена една паралелка на албански наставен јазик не се совпаѓа со официјалната документација“, истакна Сулејмани.

 

Тој упати апел ваквите прашања во иднина да се решаваат навремено преку директна комуникација и координација меѓу надлежните институции, без нивно претворање во политички спорови.

 

Фото извор: https://mon.gov.mk/





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.