Дурмиши во посета на компании кои користат државна поддршка за инвестиции

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ги посети компаниите „Виталиа Никола“, „Полијестердеј“ и „ББ Континентал метал“, кои се корисници на финансиска поддршка од државата согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

 

Посетата, како што информира Министерството, е дел од активностите за следење на реализацијата на инвестициите и непосреден контакт со компаниите кои ја користат државната помош за проширување и модернизација на своето работење.

 

Дурмиши истакна дека финансиската поддршка има за цел да поттикне инвестиции што ќе придонесат за повисока продуктивност и конкурентност на домашните компании, отворање нови работни места, зголемување на производството и извозот и воведување нови технологии.

 

Од 1 јануари 2026 година се применуваат измените на Законот со кои дополнително се утврдуваат условите за добивање финансиска поддршка.

 

Таа е насочена кон продуктивни почетни инвестиции во производствени активности од преработувачката индустрија, при што минималниот праг е поставен на 100.000 евра во денарска противвредност.

 

Мерките опфаќаат поддршка за нови вработувања, капитални инвестиции, истражување и развој, како и проекти од значаен економски интерес и активности насочени кон зголемување на конкурентноста.

 

За новите вработувања е предвидена поддршка до 20 проценти од исплатената нето-плата, односно до 4.400 евра годишно по нововработен.

 

Кај капиталните инвестиции поддршката може да достигне до 10 проценти од оправданите трошоци, со максимум еден милион евра годишно, додека за истражување и развој може да се покријат до 50 проценти од оправданите трошоци, исто така до еден милион евра.

 

Според Дурмиши, државната поддршка е поврзана со исполнување конкретни услови и резултати.

 

Компаниите треба да реализираат продуктивна почетна инвестиција, да бележат раст на приходите и да го одржат бројот на вработени, односно да немаат намалување поголемо од пет проценти во однос на почетната состојба утврдена со договорот.

 

Министерството за економија и труд, согласно измените, има засилена улога во следењето на реализацијата на договорите и подготвува извештаи за нивната имплементација до Владата.

 

Целта е да се обезбедат поголема контрола и отчетност при користењето на јавните средства.

 

При посетата, Дурмиши разговарал со претставниците на компаниите и за досегашните инвестиции, постигнатите резултати и нивните планови за понатамошен развој.

 

Министерот порача дека Владата ќе продолжи да работи на создавање предвидлив и транспарентен систем за поддршка на инвестициите, со јасни критериуми и конкретни економски резултати, оценувајќи дека развојот на конкурентни домашни компании е важен за зголемување на извозот, вработеноста и животниот стандард.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.